Општина Кочани доби заем од Светска банка за изградба на 11 улици во градот и населените места

21 Авг 2019
171 пати

Вчера, во Министерството за финансии, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев го потпиша договорот

за одобрениот заем од Меѓународната банка за обнова и развој, од компонентата Општински инвестиции, за реализација на проектот „Асфалтирање на шест улици во градот Кочани и пет улици во рурални области“.
Одобрени се близу 44 милиони денари за изградба на улиците: „Кирил и Методиј“, „Скопска“, „560“, „Стефка Тасева“ (со „Скоевска“ и „555“), „Петар Синадинов“ и „Искра“ во Кочани; „АСНОМ“ и два крака на „Раде Кратовче“ во Оризари и „Борис Ефтимов“ и „Маршал Тито“ во Тркање.
Градоначалникот Илијев смета дека на овој начин може брзо да се одговори на потребите на граѓаните, а учеството во Проектот за подобрување на општинските услуги е форма со која кредитоспособните општини, како што е Кочани, можат да искористат неповратни средства.
- Условите за заемот се повеќе од поволни: рокот на отплата е 13 години со вклучен грејс-период од 3 години и каматна стапка која е еднаква на каматата што ја плаќа Република Северна Македонија кон Светска банка. И што е многу важно, по завршувањето на проектот добиваме неповратни средства во висина од 12 милиони денари. Сѐ на сѐ: Општина Кочани добива средства во износ од 56 милиони денари, со обврска да врати 44 милиони денари во рок од 10 години – соопшти Илијев.
Наскоро се очекува да биде распишан јавен повик за избор на изведувачи, согласно критериумите и процедурите на Светска банка.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.