Урбаната опрема во Кочани на удар на уништувачите

20 Ное 2019
189 пати

Уништени се клупите кои неодамна беа поставени на влезот во селото Тркање, во новооформеното паркче.

Жителите во неговата непосредна околина реагираат на вандалското однесување на нивните сограѓани, не гледајќи оправдување за направената штета.
Само неколку метри подолу, во школскиот двор на Подрачното училиште „Никола Карев“ во Тркање, целосно се оштетени детските реквизити и клупите. Потпирките на клупите ги нема, а некаде се пресечени и железните основи. И покрај тоа што намената е за најмладите жители кои овде учат и го посетуваат Центарот за ран детски развој, и овде победила несовеста.
Општинските служби констатираат дека уништувањето на урбаната опрема е перманентно. На мета се канти за отпад, клупи, зеленило, се кршат фиданки и покрај тоа што се заштитени со метална конструкција. Деновиве, на улицата „14 Бригада“ во Кочани, од потпорен ѕид целосно е пресечена заштитна ограда. Направен е увид и на интервенција е повикана и полицијата.
– Штетата што се прави на јавно-прометните површини е во количини што не се за потценување, затоа апелираме до сите граѓани да не ја уништуваат урбаната опрема и садниците. Ние ги активираме сите служби – комуналните редари и инспектори, Полициската станица, да се преземат казнени мерки – повикува градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Илијев ги повикува граѓанските организации, месните и урбаните заедници да се вклучат во подигањето на свеста за зачувување на јавното добро, како и во конкретни активности што ќе придонесат за подобрување на актуелната состојба.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.