Испечатете ја страната

ЗБОРУВА РАДИО КОЧАНИ – Почина Киро Герасимов

18 Мај 2022
4925 пати

Во 72 -та година синоќа почина Киро Герасимов - новинар, публицист, хроничар, поет кој со својата работа во последните неколку децении остави траен белег во севкупниот

живот на Кочани.
Герасимов беше нераскинливо поврзан пред се и најмногу со Радио Кочани. Не случајно последната негова книга беше насловена „Зборува Радио Кочани“.
Герасимов замина во пензија од редовите на МТВ, но никогаш не му кажа збогум на Радио Кочани. Тој останува наш вечен пријател.
Киро Герасимов е роден 1951 година во Кочани. Завршил Филолошки факултет во Скопје, книжевност со македонски. Во својата богата кариера работеше како новинар – уредник во Македонската радио телевизија. Претходно беше професор по македонски јазик и директор на Центарот за културата „Бели Мугри“.
Беше автор на седумдесетина книги поезија, проза како и на книги од областа на историографијата, археологијата, театарот, музиката и спортот.
Неговата поезија е преведена на повеќе јазици, а собираше и народни умотворби од Источна Македонија. Автор е на десетина сценарија за телевизиски и радио емисии за потребите на Македонската радио телевизија.
Зад себе како новинар – хроничар остави стотина репортажи и документарни емисии и илјадници новинарски прилози. Добитник е на годишната награда за новинарство на МРТВ, на Седмосептемвриската награда на град Кочани и на голем број други награди за поезија и проза. Неговата последна книга „Зборува Радио Кочани“ беше промовирана на 16 март годинава.
Погребот ќе се изврши во 13 ч. на Градските гробишта во Кочани.
Вечна слава! Почивај во мир Герасимов!

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

Последни објави radiokocani.mk

Поврзани вести