Портрет на еден „почитуван човек"

01 Јул 2022
753 пати

Ми се крева косата на главата и страшно ме лути кога гледам како идиоти стануваат почитувани (ценети, уважени) луѓе,

рекол Бранимир Џони Штуљиќ

Критичката мисла на Бранимир Џони Штуљиќ, авангардниот музичар, основач и фронтмен на легендарниот екс – ју бенд ,,Азра", роден во Скопје, Македонија, со која ги жигосува лажните вредности во едно општество, се безвременски...
Колку голема вистина е кажана со само неколку зборови !
Ех, Џони, Џони, идиотите само си замислуваат и сонуваат дека се почитувани. Сонот каде ли ги носи?

b3.jpg

,,Почитуваните луѓе", слика и прилика од размислата на Штуљиќ, за својата демонстрација на моќ мора да си го крепат егото со храна која стимулира зголемување на силата. Па, затоа на нивната трпеза најчесто има мени составено од дрскост, навреди, по некој обид за насилство, дискредитации, закани, понижувања, девалвирања и секако, сето тоа зачинето со силни хистерични напади.

Омилен деликатес им е газењето на достоинството на ,,помалку почитуваните" од нив. По можност пред поширок аудиториум да покажат колку се силни.

Сетики, не за џабе се ем ,,многу почитувани" , ем се ,,многу културни, воспитани и образовани". Eм живеат за ,,браво шефе, многу си добар, паметен, успешен и убав“.
И така, кога фино ќе се насладат со дневната доза храна од богатото мени и за да не им препукне силното его, се освежуваат и олеснуваат со многубројни изливи на љубезности, додворувања и комплименти кон ,,повеќе почитуваните" од нив. За, не дај Боже, случајно, попат не ја зaгубат својата ,,почитуваност". А, потоа спокојно и слатко заспиваат.
Дневната мисија е завршена. Утре – пак. Дај Боже и задутре да биде така.
Но, некое убаво утро кога ќе се разбудат, можеби ќе сфатат ( само можеби ) дека тие ниту биле толку почитувани, ниту толку умни и успешни .
Тоа биле само нивни пусти соништа, а на јаве биле само минлив кошмар.

b1.jpg

Е, па Џони, ти културна и музичка легендо, капа симнувам за твоите безвременски критики за лажните вредности кај „почитуваните“. И тогаш и денес најголемите идиоти се спакувани во амбалажа на ,,почитувани луѓе".

п.с. Ова не е приказна за измислен лик. Тој лик е тука и сега. Како него можеби има и друг ист таков произведен во истата фабрика и од истата серија. Препознатливиот знак им е истата сериска грешка.

м - р Габриела Стефановска
обичен културен работник

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)